Пелагонија во фокусот
Култура
Објавено: 9 ноември 2026, 21:38 ч.
НУ Народен театар Битола подготвен за најновата премиера „Татко“, 12.Битола Шекспир фестивал и роденденот на театарот.
„Татко“ е по текст на Август Стриндберг, во режија, сценографија и костимографија на Благој Мицевски. Главната улога во претставата ја игра Петар Горко, а покрај него настапуваат и Катерина Аневска-Дранговска, Сандра Грибовска Илиевска, Никола Пројчевски, Живко Борисовски и добитничката на наградата за животно дело „4ти ноември“, Соња Михајлова. Асистент на режија е Дамјан Димовски, композитор Марјан Нечак, тон Александар Димовски, светло Горан Петровски, суфлер Гордана Михајловска, реквизит Цветан Јовановски, испициент Оливер Петровски. Ова е еден од најзначајните текстови на Стриндберг во кој за првпат се прикажува распаѓањето на едно семејство одвнатре.
Главната улога ја игра Петар Горко.
„ На сцена има хемија меѓу нас што функционира и брзо ги решава работите, брзо доаѓа до резултати, и тоа е она што мене лично ме исполнува како актер, затоа што можеме едноставно да ги извадиме нештата од нас, однатре да ги пренесеме преку тој четврт ѕид до вас, до публиката“.
„За мене беше огромен предизвик да работам на ликот на Лаура. Таа не е класичен негативец, не е класична манипулаторка. Таа е жена која се бори за својата егзистенција со сите средства што ѝ стојат на располагање во еден таков патријархален свет. Многу остроумно, тивко и стратешки. Се надевам дека претставата ќе допре до секој што ќе ја гледа и дека сите од публиката ќе ја почувствуваат таа искрена, сурова реалност“, додаде актерката Катерина Аневска Дранговска.
„Претставата е многу необична и интересна. Ликот на Маргарет е жена и мајка која искусила многу во животот, а во сложените семејни односи мајка-татко-дете, таа е на страната на зачувување на семејството, иако констатира дека најмногу во тие семејни конфликти доминираат суетата и егото. Најчесто во тие контексти, не сме свесни дека секој е во потрага по својата доминација. Многу ми е драго за соработката и за оваа претстава и верувам дека една таква вечна тема како семејство, татко, мајка, дете, ќе предизвика кај публиката момент на самопреслушување, токму во однос на суетата, егото и разбирањето“, рече актерката Соња Михајлова.
На сето ова актерот Никола Пројчевски додава:
„Фасцинантно ми беше во текстот што овој човек, кога живеел, се занимавал со таткото, а не со мајката. Ние живееме во време кога сите филмски платформи сега се занимаваат со жената, затоа што живееме во време, можеби е потребно да живееме во време на ултра феминизам. Дури и еден филм „Источно од рајот“, сега серијал на Netflix, една жена која е олицетворение на злото, на крајот се обидуваа да ја прикажат дека е таква поради мажите во нејзиниот живот. Еве, во оваа претстава не е така. Многу ми е драго што во претставата се отвораат проблемите на еден татко, а не проблеми кои доаѓаат од некоја жена.“.
Веднаш после премиерата која е на 10-ти и 11-ти ноември, на 14-ти започнува 12-тото издание на Битола Шекспир Фестивалот. Свеченото отворање на фестивалот кое воедно ќе биде и одбележување на 82. роденден на НТБ ќе биде со битолската премиера на „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел.
„Претставата веќе имаше свој европски живот. Ја имавме македонската премиера на Охридско лето, светската премиера на Верона Фринџ Шекспир Фестивалот во Италија, настапивме во прекрасниот антички амфитеатар во Бутринт, Саранда, на јубилејното, 10-то издание на фестивалот „Магични ноќи во Бутринт“, и последно пред еден месец настапивме на East Direction фестивалот во Бјалисток, Полска. Претставата насекаде беше одлично прифатена и се надевам дека по долг период, бидејќи премиерата беше во јули, ова е шанса и за битолска премиера, па Битолчани конечно да го видат ова дело на Шекспир, кое за првпат се поставува во Македонија и за првпат дел од нашите колеги и остатокот од екипата ќе го изведеме „Кориолан“ на македонски јазик“, изјави директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски.
А.Ш.
25 ноември 2026
25 ноември 2026
25 ноември 2026
25 ноември 2026
24 ноември 2026
24 ноември 2026
24 ноември 2026
24 ноември 2026
9 октомври 2026
25 декември 2025
24 декември 2025
16 декември 2025
8 декември 2025