Пелагонија во фокусот
Култура
Објавено: 9 ноември 2026, 22:56 ч.
Истакнатата македонска вокална изведувачка и пејачка на етно и изворна музика, која воедно важи за голем чувар на македонската традиција, Зарина Првасевда ја претстави изведбата на песната „Ајде мори Стојно ле“ - традиционална песна од регионот Костур, Егејска Македонија.
Легендарната македонска вокална група „Костурчанки“ оваа песна ја снимила во 1973 година, а овој пат Зарина Првасевда ја изведува заедно со Андреа Мирческа и Минела Богдановиќ како дел од проектот „Жени без надзор“.
Отсекогаш постоеле жени без надзор. Жени кои истапувале, се осмелувале, создавале и одбивале да се вклопат во рамките што им биле наметнати. Низ историјата, жените кои биле слободни, независни, гласни и своеглави честопати биле прогласувани за вештерки или развратници. Некои биле прогонувани, осудувани, па дури и палени на клада. Тоа биле нашите баби, генерации пред нас, вели уметничката.
Таа дополнува: Денешните вештерки изгледаат поинаку. Некои пишуваат закони, некои книги, некои знаат да лекуваат, некои создаваат музика и филмови, некои градат, а некои ги менуваат световите во кои живеат. Ние знаеме да создаваме музика и токму затоа го избравме овој пат: да го кренеме гласот за работите што се важни. Затоа што духот на жените кои некогаш се осмелувале да истапат никогаш не исчезнал. Тој живее и денес, во секоја жена која избира да биде своја и да не молчи.
„Жени без надзор“ е проект кој одамна го кројам, но дури неодамна го доби својот наслов. Неговата цел е афирмација на македонската традиционална музика преку современи музички собири на жени кои заедно ја запознаваат, истражуваат, интерпретираат и оживуваат традицијата.
Изборот да бидат токму жени не е случаен.
Во центарот на проектот е женското заедништво, неговата енергија, но и слободата и автентичноста, духот кој живеел во нашите баби - оживејан преку ќерките денес.
Денес, во една поинаква реалност, новите генерации жени без надзор звучат вака.
Денес пееме за жените кои не можат. За оние кои се замолчени, исплашени, за оние кои мислат дека не можат да го скршат и напуштат кругот на насилството. За оние чии приказни не биле слушнати и чии гласови прерано замолкнале, вели Зарина.
Затоа што слободата на една жена не треба да биде причина за нејзино осудување, страв или казна.
Се собираме за да пееме, но и за да потсетиме дека женскиот глас не е нешто што треба, ниту може да се контролира.
Ние сме жени без надзор денес.
И немаме намера да зборуваме и уште помалку да пееме тивко, категорична е Зарина.
Ваквите пораки се особено актуелни во моменти кога фемицидот и насилството врз жените се се поизразен проблем во земјата, што кулминираше со фемицидот на 17 годишна девојка од Богданци.
Покрај проестот во Скопје против насилството врз жените, исто така повеќе јавни личности деновиве јавно излегоа за да го изразат ставот дека жената не е личност на која ѝ треба надзор.
Инаку, годинава во Македонија се регистрирани 7 фемициди.
А.Ш.
25 ноември 2026
25 ноември 2026
25 ноември 2026
25 ноември 2026
24 ноември 2026
24 ноември 2026
24 ноември 2026
24 ноември 2026
9 октомври 2026
25 декември 2025
24 декември 2025
16 декември 2025
8 декември 2025