Пелагонија во фокусот
Локално
Објавено: 4 ноември 2026, 23:24 ч.
По повод „4 Ноември“- Денот на ослободувањето на Битола вечерва во Центарот за култура се одржа свечената академија на која беа доделени четвртоноемвриските награди.
Во свото обраќање градоначалникот на Битола Тони Коњановски истакна дека утрото на 4 ноември 1944 година засекогаш припаѓа на вечната меморија на Битола. Во него се собрале долгоочекуваната радост на слободата, надежта на семејствата и вербата дека животот повторно може да се гради во мир.
„Оваа свечена академија по повод празникот на градот „4-ти Ноември“ Денот на ослободувањето на Битола е место од кое испраќаме порака дека тешко стекнатата слобода пред 82 години, не прави горди на значајните културно-историски вредности кои ги поседува нашиот град, на нејзиниот напредок во сите сфери на живеење и на визијата за напредокот на градот.
Вечерва се потсетуваме на борбата и храброста на нашите предци, на направените жртви, но и на издржливоста на нашиот народ, во очекувањето на светлината на новата зора, исполнета со надеж и можности.
Оние кои некогаш сонуваа за посветла иднина, презедоа акција за да го направат сонот – реалност. Наследството живее во нашата посветеност да ги поддржуваме вредностите на слободата, правдата и мирот. Наша должност е да се погрижиме нивните жртви никогаш да не се заборават, а лекциите од историјата да не водат во нашата потрага по подобро утре“, рече во своето обраќање градоначалникот на Битола.
Добитниците на наградата ги соопшти претседателот на Советот Бојан Бојкоски кој истакна дека безрезервно целосно се вложуваме во нашата заедничка мисија и обврска да продолжиме да го градиме најубавиот град, секојдневно да ги подобруваме условите за живот на сите граѓани, и да бидеме мотив за создавање на нови можности и работа на младите генерации на овие простори.
Управниот одбор на Фондот за наградата „4 Ноември“ на седницата одржана на 26.10.2026 година ги донесе следните одлуки за доделување на Општинската награда „4 Ноември” за 2026 година за едногодишни достигнувања.
д-р ГОРАН ИЛИЌ - редовен професор на Правен факултет при Универзитетот „Св.Климент Охридски“Битола, проректор за наука на Универзитетот и главен и одговорен уредник на научното списание Journal od Liberty and International Affairs
д-р МАРГАРИТА КАМБОВСКА - доктор по медицина, специјалист по педијатрија и субспецијалист по неонатологија.
Предложена од Болница ,,Плодност” – Битола
КИРЕ МАРКОВ - аматерски учител по пливање и скијање.
Предложен од група на граѓани
Управниот одбор на Фондот за наградата „4 Ноември” донесе одлука Општинската награда „4 Ноември”, за животно дело му се доделува на
СОЊА МИХАЈЛОВА - актерка и првенка на НУ „Народен Театaр“Битола
Предложена од НУ ,,Народен Театар” - Битола
Актерката Соња Михајлова има големото достигнување од областа на културата и драмската уметност, работи со прецизна техника суптилен, емоционален актерски сензибилитет и моќна сценска естетика, сето тоа благодарение на нејзиниот професионализам, талент и креативност.
Во нејзината 42 годишна кариера во континуитет одигра значајни улоги во класичниот и современ драмски репертоар на битолската сцена и тоа повеќе од 30 години. Нејзиниот опус е валоризиран со истакнати признанија и награди меѓу кои и наградата за Животно дело МТФ “Војдан Чернодрински” како и бројни признанија и награди на Меѓународниот фестивал на Камерен театар „Ристо Шишков“ на ИФАД „Стоби“, „Охридско лето“, повеќекратни признанија за успешна личност од областа на културата за Битола.
Основно образование и Гимназија ,,Јосип Броз – Тито” завршува во Битола.
Високо образование: Факултет за драмски уметности – Скопје, класа на проф. Љубиша Георгиевски.
Член на ансамблот на НУ Народен театар – Битола од 1984 до 2022 година.
Реализира над 150 улоги на матична сцена, со бројни гостувања низ земјата и светот.
Позначајни улоги за спомнување се претставите: „Куфер“, „Жиголо“ и „Едмонд“ со што влијае врз естетиката и стандардите на македонскиот театар.
На филмските и телевизиските гледачи им е позната од „Бушавата Азбука“, „До балчак“, „Кајмак“ и други проекти.
Паралелно со сценските остварувања, Михајлова дава пример за професионализам и менторска поддршка на помладите генерации, освојувајќи ја публиката и потикнувајќи го развојот на македонската култура како носителка на културни вредности и обележје на тетарската историја.
Наградата за животно дело му се доделува во вид на плакета и паричен износ од 60.000 денари.
Фотографии: Општина Битола
4 ноември 2026
4 ноември 2026
4 ноември 2026
4 ноември 2026
4 ноември 2026
4 ноември 2026
4 ноември 2026
4 ноември 2026
9 октомври 2026
25 декември 2025
24 декември 2025
16 декември 2025
8 декември 2025