Пелагонија во фокусот
Македонија
Објавено: 3 ноември 2026, 13:52 ч.
Evo.mk: Како CMO и маркетинг директор на „The Founder Games“, предводите единствен формат што ги спојува бизнис-акцелерацијата и реалното шоу. Кој е најголемиот предизвик кога градите меѓународен бренд систем за ваков динамичен проект кој се снима на специфични теренски локации?
Биљана Атанасова: На „The Founder Games“ му се приклучив пред втората сезона, преку Сања Митровска, основач на овој формат, со која се познававме од претходно, уште од нашите професионални ангажмани поврзани со Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“. „The Founder Games“ е формат што ги поврзува претприемништвото, стартап-акцелерацијата и реалното шоу, давајќи им можност на основачите на стартапи да ги претстават своите идеи, да се соочат со предизвици и да добијат пристап до инвеститори и меѓународна публика.
Се приклучив во момент кога проектот правеше значаен исчекор од регионален кон вистински меѓународен формат, со учесници од различни земји и познати инвеститори и личности од светски реалити формати. Тоа природно ги зголеми и амбициите и одговорноста на целиот тим.
За мене, ова беше и голем професионален предизвик, бидејќи првпат ја преземав улогата на маркетинг директор во продукција од ваков формат и обем. Особено внимание посветувам на брендингот — сакам визуелниот идентитет, локациите, содржините и целокупната комуникација да имаат препознатлив карактер и да функционираат како дел од една голема приказна. Кога работите на проект што се реализира на различни меѓународни локации, со луѓе од различни индустрии и пазари, мора да размислувате истовремено стратешки, креативно и многу практично.
Предизвикот е голем, но токму тоа ме мотивира. Секојдневно откривам нови можности за развој на брендот и сè повеќе се инспирирам од неговиот потенцијал. Највозбудливо ми е што не работиме само на промоција на постоечки формат, туку учествуваме во градењето на меѓународен проект со потенцијал за понатамошно проширување на нови пазари.
Evo.mk:Во вашето портфолио го истакнувате пристапот од 360° — од првичната идеја и концепт, преку брендирањето на терен, па сè до завршното медиумско покривање. Како успевате да одржите конзистентна приказна и премиум искуство за учесниците, инвеститорите и публиката?
Биљана Атанасова: За мене, сè почнува со идејата и со прашањето што сакаме да постигнеме. Кога концептот е јасен, многу полесно е да се изгради визуелниот идентитет, да се осмисли брендирањето на терен, да се планираат содржините и да се одреди начинот на кој проектот ќе комуницира со различните публики.
Нашиот пристап е да ја гледама целата слика, но истовремено да внимаваме на деталите. Кај „The Founder Games“, на пример, искуството на натпреварувачите, присуството на инвеститорите и начинот на кој публиката ја доживува приказната се различни аспекти што мора да функционираат заедно. Премиум впечатокот не се создава само со убав визуелен идентитет, туку и со начинот на кој сè е осмислено и реализирано.
Се разбира, во вакви проекти постојано има промени и непредвидени ситуации. Затоа верувам дека добрата креативна стратегија мора да има и доволно флексибилност. Важно е да се зачува визијата, дури и кога патот до неа ќе мора да се промени.
Evo.mk: „The Founder Games“ ги става во фокус стартап основачите од Југоисточна Европа. Како преку маркетинг и продукциско раскажување приказни (storytelling) им помагате на овие претприемачи да добијат поголема видливост и привлечност кај глобалните инвеститори?
Биљана Атанасова: Мислам дека во нашиот регион има многу основачи со идеи што заслужуваат меѓународно внимание, но не секогаш имаат можност да ја претстават својата приказна на вистински начин. Добрата идеја е важна, но начинот на кој ја комуницирате може да направи огромна разлика.
Преку „The Founder Games“ имаме можност да ги прикажеме претприемачите подлабоко — не само преку нивните производи и бизнис-модели, туку и преку нивните карактери, одлуки, амбиции и начинот на кој се справуваат со предизвиците. Тоа е она што storytelling-от го прави моќен: му дава човечка димензија на бизнисот и создава поврзаност со публиката.
Нашата цел е нивниот потенцијал да го претставиме на начин што ќе биде разбирлив и привлечен и надвор од регионалниот контекст. Притоа, не треба да се обидуваме да изгледаме како некој друг пазар или екосистем. Треба да ја искористиме сопствената автентичност како предност и да покажеме дека сериозни идеи можат да дојдат од каде било.
Evo.mk: Паралелно со оваа улога, раководите и со маркетингот и комуникациите на „Networker“. Како ја проценувате моменталната состојба на претприемачкиот и стартап екосистемот во Македонија и регионот, и кои се клучните елементи за еден локален бренд да стане регионално препознатлив?
Биљана Атанасова: Верувам дека Македонија и регионот имаат многу повеќе креативен и претприемачки потенцијал отколку што понекогаш успеваме да покажеме. Имаме талентирани луѓе, интересни бизниси и идеи што можат да се развиваат надвор од локалниот пазар. Она што мислам дека сè уште ни недостасува е поголема поврзаност, континуитет и похрабро позиционирање.
Преку мојата работа во „Networker“ уште повеќе ја согледувам важноста на поврзувањето на луѓето, компаниите и идеите. Вредноста на една мрежа не е само во тоа кого познавате, туку во можностите што произлегуваат од тие контакти. Понекогаш еден вистински разговор може да отвори врата што со месеци се обидувате да ја отворите на друг начин.
За еден локален бренд да стане регионално препознатлив, потребни се јасен идентитет, квалитет, конзистентна комуникација и добра стратегија за тоа каде и како сака да се позиционира. Но, потребна е и храброст. Не можеме да очекуваме меѓународна видливост ако постојано размислуваме само во рамките на локалниот пазар.
Треба да бидеме горди на тоа од каде доаѓаме, но и доволно амбициозни да размислуваме пошироко. Мислам дека токму во тоа лежи еден од најголемите потенцијали на нашата креативна и претприемачка сцена.
Evo.mk: Вашиот професионален пат е исклучително разновиден — од конзуларни активности и мониторинг на човекови права, до менаџмент на модни и бизнис брендови. Колку овие претходни искуства во меѓународен протокол и кризни комуникации ви помагаат денес во креативната и бизнис стратегија?
Биљана Атанасова: Мојот професионален пат можеби на прв поглед изгледа како неколку различни кариери во една, но денес ги гледам како искуства што ме изградиле и ми дале различни алатки што ги користам во сегашната работа.
Зборувањето повеќе странски јазици, искуството во меѓународни односи, конзуларните активности и комуникацијата со луѓе од различни средини ме научија на внимателност, адаптибилност и разбирање на различни перспективи. Искуствата поврзани со кризно менаџирање, пак, ме научија да останам смирена и да размислувам рационално кога работите не одат според планот.
Во продукција и организација на настани, способноста да реагирате брзо, да комуницирате со различни профили на луѓе и да најдете решение во непредвидени ситуации е подеднакво важна како и самата креативна идеја.
Воедно, работењето во различни индустрии ми овозможи да размислувам пошироко и да ги поврзувам работите на неочекувани начини. Мислам дека токму таа комбинација од стратегија, комуникација, организација и креативност е една од моите најголеми предности.
Evo.mk: Преку проекти како концертите „Twilight Glow“ и „Изборот за мажи на годината“, но и асистенциите за филмски икони како Клаудија Кардинале на „Браќа Манаки“, имате длабок придонес во културниот живот. Што е она што прави еден културен настан не само успешно организиран, туку незаборавно искуство што ја менува перцепцијата на публиката?
Биљана Атанасова: За мене, разликата меѓу добро организиран настан и незаборавно искуство е во емоцијата што останува откако настанот ќе заврши.
Можете да имате совршена организација, добра сцена, квалитетни изведувачи и исполнета сала, но ако не сте создале емоционална врска со публиката, искуството може да остане само уште еден датум во календарот. Сакам настаните да имаат свој карактер, свој визуелен јазик и јасна причина поради која постојат.
Кај концертите „Twilight Glow“, на пример, ме привлече можноста музиката, просторот, светлината и атмосферата да се спојат во едно целосно искуство. Не сакам публиката само да дојде на концерт; сакам да почувствува дека присуствува на нешто што е внимателно осмислено, од првиот впечаток до последниот тон.
Сличен пристап имам и кон манифестации како „Men of the Year “, каде што како дел од организацискиот тим сакав да придонесам не само во реализацијата, туку и во креативното надградување на самиот настан — од сценариото и изведбите до атмосферата и деталите што му даваат посебен карактер.
Од друга страна, искуството со Фестивалот „Браќа Манаки“ и можноста да бидам дел од организацијата на настани на кои гостувале значајни имиња од светската кинематографија, како и ангажманот како преведувач на прес-конференциите и во комуникацијата со филмската легенда Клаудија Кардинале, ми покажаа колку се важни професионалноста, почитта кон гостите и разбирањето на симболичката тежина што една личност или културен момент ја носи со себе.
Но, не мислам дека незаборавниот настан секогаш бара голем буџет. Понекогаш е доволна една добра идеја, необична локација, вистинскиот изведувач или детал што никој не го очекувал. Важно е да има концепт, а не само декорација.
Најмногу сакам кога луѓето си заминуваат со чувство дека биле дел од нешто, а не само публика што била присутна. Тогаш знам дека сме создале искуство, а не само настан.
Evo.mk: Често користите концепт на „неочекувани креативни спојки“ (како соработката со носива уметност и рачни часовници за десетгодишнината на Kovsky). Колку македонската културна и креативна сцена е отворена за ваков тип на храбри експерименти и автентични партнерства?
Биљана Атанасова: Сметам дека имаме простор за многу похрабри креативни партнерства. Мене особено ме привлекуваат соработките во кои се спојуваат два навидум сосема различни света, затоа што токму таму често се создава нешто неочекувано и автентично.
Во рамките на изложбата по повод десетгодишното творештво на уметникот Бојан Ковски, бев ангажирана и за развивање потенцијални партнерства. Токму преку таков пристап го поврзавме неговиот уметнички концепт со „11и11 саат“, македонски бренд за часовници со седиште во Виена. Од тоа произлезе интересна креативна соработка што отвори нови можности за двете страни.
Мене ми е особено драго кога можам да препознаам заедничка точка меѓу брендови што на прв поглед немаат очигледна врска и од тоа да создадам идеја што има вредност за двете страни.
Верувам дека автентичните партнерства не се создаваат само заради видливост, туку кога двете страни навистина имаат што да си понудат една на друга. А кога ќе се совпаднат вистинските луѓе, добра идеја и храброст да се експериментира, резултатот може да биде многу повеќе од обична маркетинг-соработка.
Мислам дека нашата креативна сцена има потенцијал за такви проекти, но потребно е да бидеме поотворени кон нови формати и соработки надвор од вообичаените рамки.
Evo.mk: Со оглед на тоа што дневното работење во оваа сфера бара претворање на апстрактни идеи во видливи резултати, која е вашата лична формула за одржување на креативната енергија и фокусот во свет што се менува со брзина на светлината?
Биљана Атанасова: Мислам дека мојата формула е љубопитност, постојано истражување и потребата да создавам нешто што има свој идентитет. Инспирацијата ја наоѓам насекаде — во музиката, филмот, модата, архитектурата, патувањата и луѓето со кои соработувам. Но, најмногу ме инспирираат идеите што сè уште никој не ги реализирал — концепти што на почеток можеби изгледаат необично, но имаат потенцијал да станат нешто препознатливо и поинакво.
Големо влијание врз мојот креативен пристап има и целото мое досегашно професионално искуство — од филмските фестивали, маркетинг-кампањите и работата со различни брендови, до меѓународните проекти и организацијата на настани. Секое од тие искуства ми оставило различна перспектива, а токму поврзувањето на различни идеи, индустрии и влијанија често води до најинтересните креативни решенија.
Особено ме привлекува уникатниот брендинг и начинот на кој една идеја може да се претвори во целосен креативен концепт — од визуелниот идентитет и приказната, до искуството што го добива публиката. Без разлика дали станува збор за меѓународен формат, културен настан, бренд-кампања или соработка со јавна личност, секогаш барам елемент што ќе го издвои проектот.
Секако, идејата е само почеток. За да стане реалност, потребни се стратегија, дисциплина, добар тим и храброст да се излезе од воспоставените рамки. Најмногу ме исполнува моментот кога нешто што постоело само како замисла станува реален проект — со карактер, приказна и причина поради која луѓето ќе го паметат.
За мене, најголемиот предизвик никогаш не е само да направам нешто добро, туку да создадам нешто што ќе биде препознатливо токму поради тоа што е поинакво.
А.Ш.
4 ноември 2026
4 ноември 2026
4 ноември 2026
4 ноември 2026
4 ноември 2026
4 ноември 2026
3 ноември 2026
3 ноември 2026
9 октомври 2026
25 декември 2025
24 декември 2025
16 декември 2025
8 декември 2025