Пелагонија во фокусот
Култура
Објавено: 7 јули 2026, 13:41 ч.
Што значи да се биде човек во систем што се однесува како фарма? Претставата од Томислав Зајец за првпат се поставува пред македонската публика, во режија на Тамара Стојаноска.
Во среда, на 8 јули, во Центарот за култура во Битола со почеток во 20:00 часот, премиерно ќе биде изведена дуодрамата „Свињи“ од познатиот хрватски драмски автор Томислав Зајец. Претставата е најновиот проект на независниот Театар „Златен Елец“, реализиран во копродукција со битолскиот Центар за култура, а режијата и адаптацијата се потпишани од Тамара Стојаноска.
Ова е прво поставување на ова значајно дело на современата хрватска драматургија пред македонската јавност. Во главните улоги, како две сестри чиј однос ги отвора длабоките психолошки прашања, настапуваат истакнатите актерки Илина Чоревска и Викторија Степановска Јанкуловска.
Светот како сурова, но поетична алегорија
Преку специфичен драмски јазик во кој се испреплетуваат апсурдот, црниот хумор и гротеската, „Свињи“ создава свет што е истовремено суров, поетичен и длабоко вознемирувачки. Според авторскиот тим, оваа постановка го чита текстот како современа општествена и психолошка алегорија која се занимава со прашањата за моќта, осаменоста, траумата, насилството и човековата потреба за бегство од суровата реалност.
„Ликовите, затворени во сопствените светови, стануваат одраз на нашата потреба да ги контролираме другите, да ги проектираме сопствените неуспеси врз нив и да создаваме реалности во кои насилството станува нормализирано
Режисерката Тамара Стојаноска посочува дека оваа претстава не бара од публиката да заземе страна, туку да се соочи со прашањата што ги отвора.
„Најстрашните облици на насилство не започнуваат со омраза, туку со рамнодушност, молчење и прифаќање на светот таков каков што е. Во тој простор помеѓу личната, колективната и театарската одговорност се наоѓа суштината на нашата претстава — да не понуди готови одговори, туку да биде огледало на тоа како ги третираме луѓето околу нас и какво општество создаваме“, изјави Стојаноска.
Богат креативен тим и реприза на „Бит фест“
Зад реализацијата на овој комплексен сценски проект стои докажан уметнички тим. Преводот на текстот е заедничко дело на Тамара Стојаноска и Никола Стојаноски. За дизајнот на звукот и изборот на музиката се погрижи Лука Тошев, додека изработката на маските е на Горан Спасевски. Рекламниот материјал и постерот се дизајн на Бојана Цилевска, фотографиите се дело на Јордан Звездоски, а продуцент на претставата е Бобан Алексоски.
Веднаш по премиерата, веќе следниот ден, на 9 јули (четврток), претставата ќе го има своето репризно издание, кое ќе биде изведено во рамките на претстојната културна манифестација „Бит фест“.
Проектот „Свињи“ е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам. За Театар „Златен Елец“ ова е веќе втора премиера за оваа година, по успешниот минатонеделен одглас на претставата „Теорема“ во режија на Мирко Радоњиќ, која се одигра во МКЦ Скопје.
А.Ш.
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
9 октомври 2026
25 декември 2025
24 декември 2025
16 декември 2025
8 декември 2025