Пелагонија во фокусот
Култура
Објавено: 28 август 2026, 08:13 ч.
Во Конгресниот центар во Охрид, во рамките на 59. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), на 25 август се одржа достоинствен и длабоко емотивен омаж посветен на прерано починатата македонска поетеса и лекторка, д-р Славица Гаџова-Свидерска.
На настанот што го организираа лекторките м-р Елена Ѓорѓиовска и м-р Христина Ангелеска-Мијоска, колегите, семинаристите и домашната и меѓународната македонистичка јавност ѝ оддадоа почит на Свидерска за нејзиниот извонреден поетски опус и за нејзиниот посветен ангажман како лекторка на МСМЈЛК при УКИМ во Тирана.
Настанот го отвори директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска, истакнувајќи ја трајната вредност на нејзиниот збор што продолжува да живее и по нејзиното физичко заминување.
Стиховите на Свидерска одекнаа на 14 светски јазици
Централен дел од вечерта беа поетските читања и препеви што ги подготвија странските македонисти, учесници на летната школа. Стиховите на Славица Свидерска одекнаа на дури 14 јазици: српски, хрватски, романски, каталански, шпански, грчки, турски, унгарски, словачки, бугарски, полски, руски, француски, англиски и украински. Со ова, нејзината поезија започна ново патување во меѓународни рамки, пренесена преку гласовите на новата генерација преведувачи и проучувачи на македонскиот јазик.
По посебно интимен и потресен момент беше обраќањето на нејзиниот сопруг, Михајло Свидерски, кој прочита дел од нејзиното творештво, враќајќи ги стиховите кон нивниот изворен глас.
Музичко-поетска вечер преполна со симболика
Атмосферата беше дополнително збогатена со музички точки во изведба на Алесандро Таљаро и Мануел Торес. Семинаристот и музичар од Аргентина, Мануел Торес, изведе сопствена музичка интерпретација на песната „Патување“, потекната од првата поетска збирка на Свидерска, „Бесконечност“.
Со овој поетско-музички собир, МСМЈЛК при УКИМ уште еднаш ја потврди пораката дека поетите кои ја оставаат својата душа на хартија живеат вечно, а делото на Славица Свидерска продолжува да го поврзува македонскиот збор со светот.
А.Ш.
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
9 октомври 2026
25 декември 2025
24 декември 2025
16 декември 2025
8 декември 2025