Пелагонија во фокусот
Култура
Објавено: 16 септември 2026, 12:54 ч.
Седмото издание на театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“, ќе се одржи од 18 до 25 септември 2026 година во Прилеп, a претставата „Пинокио“ во изведба на НУ Народен театар – Битола, на 18 септември во 12:00 часот ќе го отвори фестивалот.
Се работи за приказна што и по повеќе од еден век нè потсетува дека патот до тоа да станеш „вистински“ минува низ искушенија, грешки и храброст. Детската претстава не е само забава. Таа е првото место каде што детето учи да препознава чувства, да поставува прашања, да разликува добро од лошо, да верува, да сонува и да ја користи својата фантазија.
А кога родителот е покрај него во таа приказна, доживувањето станува уште повредно. Заедно се смеете, заедно се чудите, заедно навивате за храброста и заедно разговарате за она што сте го виделе, велат организаторите.
„Пинокио“ од Карло Колоди, во режија на Деан Дамјановски, е приказна за растењето, изборите, искреноста, љубовта и патот кон тоа да станеме подобри. Главниот лик го игра Никола Стефанов, а во останатите улоги се: Валентина Грамосли, Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска Илијевски, Катерина Аневска Дранговска, Александар Димитровски, како и децата од Театарска школа „Бабец“: Ана Анѓелевска, Стефан Доневски, Матеа Василевска, Лина Трампевска, Николина Јанкоска, Ана Марија Каранфиловска, Војдан Мавровски, Николај Илијевски, Марија Јовев, Андријана Мемет, Каја Крстевска.
Композитор е Марјан Неќак, сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимографијата на Андреј Ѓоргиевски, изработка на маски Сара Милевска, ментор на театарската школа Бабец Јулијана Мирчевска.
Фестивалот има за цел да им го овозможи на децата нивното прво театарско доживување и да ја развие нивната имагинација и љубов кон културата уште од најрана возраст. Истиот е во организација на Здружението Мал Театар од Прилеп, со поддршка и покровителство на Општина Прилеп, Министерството за култура и туризам, како и во соработка со Центарот за култура „Марко Цепенков“.
А.Ш.
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
9 октомври 2026
25 декември 2025
24 декември 2025
16 декември 2025
8 декември 2025