Пелагонија во фокусот
Култура
Објавено: 26 јуни 2026, 08:13 ч.
Вечерва погледите на љубителите на домашната рок-сцена ќе бидат насочени кон Битола, каде во рамките на јубилејното 25. издание на фестивалот „Битола Отворен Град“, на Широк Сокак ќе настапат легендарните Суперхикс, одбележувајќи го својот 300-ти концерт во Македонија.
Од бендот деновиве ја споделија радосната вест со своите фанови:
„Дали сте знаеле дека овој битолски концерт е јубилеен концерт број 300 на Суперхикс во Македонија! Славиме јубилеј заедно со вас Битолчани! Причина повеќе да биде уште полудо и незаборавно!“
Податокот за значајниот јубилеј го потврди и познатиот музички хроничар Тошо Филиповски, кој со години ја документира историјата на македонската рок-сцена.
Во текот на трите децении на сцената, бендот реализираше стотици настапи, создаде бројни хитови и се етаблираше како еден од најомилените концертни состави во Македонија. Од средината на деведесеттите до денес, Суперхикс остануваат препознатливи по својата неисцрпна сценска енергија и препознатливиот спој на ска, панк, рок и реге звуци.
Настапот на Суперхикс е централниот музички настан на годинашното јубилејно 25. издание на фестивалот „Битола Отворен Град“, кој од 24 до 27 јуни повторно ги претвора битолските улици, плоштади и алтернативни простори во сцени за музика, уметност и културни содржини. Фестивалот, кој годинава одбележува четврт век постоење, важи за една од најзначајните урбани културни манифестации во Македонија и низ годините прерасна во еден од препознатливите културни симболи на Битола.
Покрај Суперхикс, вечерва пред битолската публика ќе настапат и битолскиот бенд Eruption, како и српскиот состав Osmi Dan, познат по своите интерпретации на песни од Linkin Park, Metallica, Prodigy, U2, Ramones и други светски рок великани.
Организаторите најавуваат вечер исполнета со силна музичка енергија и атмосфера достојна за двојниот јубилеј – 25 години „Битола Отворен Град“ и 300 концерти на Суперхикс во Македонија.
За љубителите на домашната рок-сцена, ова ќе биде ретка можност да бидат дел од уште едно значајно поглавје во историјата на Суперхикс – бенд кој и по три децении успешно ја одржува својата врска со публиката и продолжува да ја претвора секоја сцена во голема музичка прослава.
А.Ш.
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
9 октомври 2026
25 декември 2025
24 декември 2025
16 декември 2025
8 декември 2025