Пелагонија во фокусот
Култура
Објавено: 12 август 2026, 09:23 ч.
Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“, кој годинава го одбележува своето јубилејно 15. издание, донесе странски гости во НУ Завод и Музеј – Битола. Актерите од Општинскиот театар „Бозујук“ (Bozüyük Belediye Tiyatrosu) од Турција ја искористија сите можности за време на нивниот престој да ја посетат оваа значајна културна институција.
За турскиот ансамбл, кој е основан во 2020 година, учеството на фестивалот „Битолино“ во Битола претставува прво меѓународно фестивалско гостување.
За време на посетата, гостите остварија средба со директорката на Музеј Битола, Маргарета Спасов. Во знак на благодарност и пријателство, тие ѝ врачија посебен подарок — статуетка со воен мотив.
Во придружба на Наташа Христовска од музејот, турските актери ја разгледаа Спомен-собата на Мустафа Кемал Ататурк, истакнатиот реформатор и татко на модерна Турција, чие школување во Битола оставило длабоки историски врски меѓу двете земји.
Врската меѓу градот Бозујук (кој се наоѓа во провинцијата Билеџик во северозападна Турција) и Мустафа Кемал Ататурк има посебно историско значење. Ататурк го посетил Бозујук на 10 јуни 1930 година, каде бил пречекан со високи почести и престојувал во познатата „Шумска куќа на Ататурк“ (Atatürk Orman Köşkü) кај Мурадере, а во центарот на овој турски град денес се издига значаен комплекс споменици посветени на него и на Турската војна за независност.
Од НУ Завод и Музеј – Битола им се заблагодарија на гостите за посетата и изразија надеж за идна успешна соработка во областа на културата и уметноста.
А.Ш.
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
9 октомври 2026
25 декември 2025
24 декември 2025
16 декември 2025
8 декември 2025