Пелагонија во фокусот
Локално
Објавено: 8 јануари 2026, 12:34 ч.
Годишно на Преспанско езеро му недостасуваат 53 милиони кубни метри вода, односно колку една просечна вештачка акумулација, за да може да го одржи своето ниво. Во изминатите три децении езеротото загубило речиси половина од својата вода.
Постојано се намалува нивото на Преспанското езеро. Речиси оголени плажи ги пречекуваат посетителите кои тука порано доаѓаа на целодневно уживање во природните убавини на Преспа. Сега веќе не е така, сликата е скромно кажано тажна, а всушност е алармантна.
Езерото се повлекува под притисок на климатските промени и човечкиот фактор
Големи површини од брегот се исушени, а водата се повеќе се повлекува. Главна причина се секако климатските промени односно намалените врнежи на дожд и снег, но мошне силен негативен фактор е и човекот со своето нееколошко однесување. Локалните земјоделци сами си ја сечат гранката на која седат со тоа што од една страна земјоделските посеви и овоштарниците обилно ги наводнуваат со вода од езерото, а од друга страна го загрозуваат езерото со пестидици.
Според податоците на Министерството за животна средина годишно на Преспанско езеро му недостасуваат 53 милиони кубни метри вода, односно колку една просечна вештачка акумулација, за да може да го одржи своето ниво. Во изминатите три децении езеротото загубило речиси половина од својата вода.
Состојбата со Преспанското Езеро подолг период детално ја следи и анализира професорот д-р Дејан Трајковски.
„Минатата година бевме загрижени за слабиот пролетен прилив на вода во Преспанско Езеро, но годинава е уште полоша. Ако лани бележевме зголемување на нивото за 20 cm од зимскиот минимум, годинава забележуваме одвај 12 cm и покрај секојдневните дождови. Приказната се повторува, снежните врнежи зимава беа слаби, топењето и дотокот на вода се слаби, како и пролетните врнежи. Намалувањето на нивото во однос на нивото од една година претходно изнесува околу 50 cm, па дури и 52 cm, што одговара на неповратна годишна загуба на вода од околу 125 милиони кубни метри, односно 2,5 пати повеќе од 60-годишниот просек на намалување. Главна причина за намалување на нивото е намаленото количество врнежи поради климатските промени, во комбинација со користењето на езерските води за наводнување.“-вели Трајковски.
Езерото го загрозуваат тие кои живеат од него
Еден од клучните проблеми во Преспа се пестицидите кои го загрозуваат езерото. Имено, преспанските овоштари своите плантажи ги наводнуваат од езерото, но исто така токму со пестидиците кои ги користат за заштита од штетници го загрозуваат езерото.
Во една претходна анализа на Министерството за животна средина од 2021 година се вели дека се употребуваат фунгициди, инсектициди и хербициди. Изработена е и мапа од кои сѐ подрачја овие материи го загрозуваат езерото. Дури и планинските водотеци што се слеваат во езерото се под притисок од овој тип загадување, па тие, наместо да носат чиста вода и да ја подобруваат состојбата, го прават спротивното.
Слични наоди има и во студија објавена во 2017 година од Програмата за развој на Обединетите нации УНДП, каде се споменува неконтролирана употреба на разновидни пестициди и други материјали и во горните текови на реките и покрај езерото.
Во Планот за управување со Преспанско Езеро подготвен од Општина Ресен за периодот од 2020 до 2030 година се укажува и на уште еден проблем со пестицидите. Пишува дека по кроењето на јаболкниците, вишокот прачки најчесто се остава во овоштарниците и потоа се согорува за да се загреат дрвјата и да се заштитат од штетници.
Како резултат на тоа има неконтролирани емисии на гасови во воздухот „кои најверојатно содржат високи концентрации на канцерогени материи – хлорни соединенија, како диоксини и фурани, што се создаваат при горењето, а потекнуваат од остатоците на употребените пестициди“, се вели во документот. Таму се појаснува и дека најчесто употребуваниот пестицид, цаптан, во својата молекула содржи хлор.
Мисија од Рамсарската конвенција излезе на терен за спас на езерото
По иницијатива на Министерството за животна средина, поддржана од Албанија и Грција, деновиве во Преспа пристигна советодавната мисија од Рамсарската конвенција, под чија заштита е Преспанското Езеро. „Би сакале да видиме поголемо внимание, посилни инвестиции. Како што веќе знаеме, Преспанското Езеро има поддршка од ЕУ, УНДП и ГЕФ и владите на трите држави. Но, ние би сакале да видиме заеднички напори за уште поголем успех.“ – изјави Флоре Лафаје од Рамсарска конвенција.
Советодавната мисија по обиколката на Преспа во трите држави, има задача да изготви препораки за идно управување со езерото, а резултатите ќе бидат дел од поширока регионална стратегија за водите и биодиверзитетот. Мисијата треба да даде стручни совети и препораки како да се третира и да се стопанисува со Преспанското Езеро.
Надлежните очекуваат во заедничките мерки и активности за заштита на Преспанското Езеро од повлекување на езерските води да се вклучат и со свои анализи и видувања да понудат пограничните општини од соседна Грција и Албанија, а сè со цел да се стабилизира водостојот на Преспанско Езеро. Затоа што, несомнено роковите за спас на Преспанско Езеро истекуваат, па затоа сега е време за сериозна акција од сите три држави конечно да се стави крај на агонијата на едно од најстарите езера на светот.
Преспанското Езеро е во категоријата на најстарите сочувани тектонски езера на светот. Неговата старост се проценува на повеќе од пет милиони години. Езерото има должина од 28,6 и широчина од 16,9 километри, а во минатото најголемата длабочина на Преспанското Езеро изнесувала околу 54 метри (при нормална кота 847,60 метри) и се наоѓа во месноста Глубина.
А.Ш.
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
9 октомври 2026
25 декември 2025
24 декември 2025
16 декември 2025
8 декември 2025