Пелагонија во фокусот
Македонија
Објавено: 23 септември 2026, 22:28 ч.
Младата и успешна битолчанка Мила Ивановска, која јавноста ја запозна преку нејзините извонредни академски успеси на престижниот американски универзитет „Харвард“, оствари уште еден успех во својата научна кариера. Ивановска и официјално се стекна со звањето магистер по физика на универзитетот Кембриџ во Обединетото Кралство, заокружувајќи го своето искуство на колеџот Тринити со диплома во рацете и како дел од елитната алумни заедница.
Мила ја сподели убавата вест со своите пријатели на социјалните мрежи, осврнувајќи се на изминатиот период исполнет со академски предизвици, но и со нови пријателства.
„И официјално, магистер по физика. Година полна со предизвици, ама уште поќе со дружби и предраги луѓе, како да сум била таму не една туку десет години. Англија, колку и да првично мислев дека ќе си темна и ладна, од Кембриџ и Лондон ми остануваат само најтопли и најубави спомени. Кембриџ и Тринити, беше задоволство, ама сега и уште поголема одговорност влегувајќи во листата на алумни. Cambridge will always feel like home. Virtus Vera Nobilitas“, порача Мила во својата објава.
Од истражувања на „Харвард“ и Волстрит до врвовите на британската наука
Патот на Мила Ивановска до овој успешен момент е исполнет со континуиран труд и врвни резултати. За време на нејзините додипломски студии на „Харвард“, таа се истакна во областа на физиката на честички, работејќи директно под менторство на реномираната професорка Мелиса Френклин — кооткривач на две фундаментални честички.
Покрај академските ангажмани како асистент по физика и активен лидер на Јужнословенската организација на кампусот во САД, Мила претходно доби и престижна понуда за летна пракса како трејдер во една од најелитните компании на Волстрит, „D.E. Shaw“. Нејзиниот фокус и интерес во науката се насочени кон спојот на применетата математика, вештачката интелигенција, машинското учење и физиката.
Со новата магистерска диплома од Кембриџ, оваа амбициозна битолчанка уште еднаш ги потврди своите капацитети на светската научна сцена, служејќи како вистински инспиративен пример за младите од нашата земја, но и од цел свет.
А.Ш.
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
9 октомври 2026
25 декември 2025
24 декември 2025
16 декември 2025
8 декември 2025