Пелагонија во фокусот
Македонија
Објавено: 25 јуни 2026, 13:35 ч.
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) прави детални анализи за прилагодување на тарифниот систем со цел граѓаните да добијат пониски сметки, благодарение на експлозијата на обновливите извори на енергија.
Начинот на кој домаќинствата ја плаќаат електричната енергија наскоро би можел да претрпи значајни измени. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во моментов прави опсежни анализи кои би можеле да резултираат со продолжување на дневната ефтина тарифа на четири часа, но и со воведување на ефтина тарифа во сабота, што досега беше случај само во недела.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, во интервју за МИА потврди дека регулаторното тело сериозно ја разгледува ревизијата на блок-тарифите кои беа воведени за време на енергетската криза во 2022 година. Причина за ова се драстичните промени во енергетскиот сектор во изминатите две години, пред сè поради „бумот“ на инвестиции во фотонапонски системи.
Пазарните вишоци диктираат нови термини
Според првиот човек на РКЕ, берзанските цени на електричната енергија се исклучително ниски во периодот од 11:00 до 15:00 часот, токму поради високото производство од соларните централи.
„Во тој опсег (од 11:00 до 15:00 часот) би можело да дојде до зголемување на периодот на ефтина струја на вкупно четири часа. Од друга страна, реално е да се очекува кратење на ноќната ефтина тарифа. Во моментов имаме апсурдна ситуација енергијата на пазарот да биде најскапа во периодот од 21:00 до 23:00 или 24:00 часот, а ние токму тогаш да имаме ноќна ефтина тарифа“, објаснува Ристов.
Покрај продолжувањето на дневната тарифа во текот на неделата, РКЕ активно ја разгледува и идејата за воведување ефтина струја во сабота.
„Идејата ефтината тарифа да се воведе и во сабота е одлична и заслужува внимание. За време на викендите се појавуваат големи вишоци на електрична енергија на пазарот, а во одредени моменти од денот цената на берзите изнесува нула денари. Сакаме тие трендови да ги преточиме во корист на крајните потрошувачи“, додаде Ристов.
Ревизија на моделот од кризните времиња
Ристов нагласува дека енергетскиот систем мора да фати чекор со динамичните промени. Додека соларните и ветерните централи се во огромен пораст, инвестициите во постабилната хидроенергија стагнираат поради долгите административни процедури и климатските промени.
Конечната одлука за новиот распоред на тарифите и евентуалната реорганизација на блоковите ќе биде донесена по завршувањето на економските и техничките анализи кои РКЕ ги прави во соработка со енергетските компании. Целта е да се создаде одржлив систем во кој граѓаните ќе почувствуваат директни бенефиции од зелената транзиција преку помали месечни сметки.
А.Ш.
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
9 октомври 2026
25 декември 2025
24 декември 2025
16 декември 2025
8 декември 2025