Пелагонија во фокусот
Македонија
Објавено: 2 август 2026, 12:08 ч.
Со масовна посетеност, развиорени знамиња, традиционална песна и оро, денеска во целата земја и во клучните историски центри свечено беше прославен најголемиот македонски национален празник – Илинден. Годинашното чествување помина во знакот на силно заедништво, зближувајќи на едно место голем број граѓани, гости од сите градови низ Македонија, како и наши сонародници од соседните земји и иселеници од дијаспората кои специјално допатуваа во татковината.
Празничните собири на историските места уште еднаш ја потврдија нераскинливата врска меѓу Македонците, без оглед каде се наоѓаат во светот. Традиционалниот мелос и илинденските ора ја пренесоа пораката за непокорот и гордоста која со генерации се пренесува како свето наследство.
Потпелистерското село Трново денеска повторно беше симбол на македонското заедништво и непокор. Во преубавиот амбиент на дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, масовно и достоинствено се одржа традиционалната Семакедонска средба, која годинава го одбележа својот голем јубилеј – 55 години постоење.
Манифестацијата, која секој Илинден ги сплотува Македонците од сите меридијани, традиционално е организирана од Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „МАКЕДОН“ и Светскиот Македонски Конгрес.
На големиот национален празник Илинден, голем број граѓани, гости од целата држава, Македонци од соседните земји и иселеници од дијаспората празнуваа заедно со традиционална македонска песна и оро. Настанот започна со свечено интонирање на македонската химна, по што следеа официјалните обраќања на бројните говорници кои испратија значајни пораки за актуелната позиција на земјата и современите предизвици со кои се соочува Македонија.
Како поддржувач на оваа историска манифестација, пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој потенцираше дека културата, традицијата и меѓусебното почитување нè прават посилни пред предизвиците на денешницата. Тој испрати силна порака за стопирање на иселувањето и создавање услови за младите во татковината.
„Битола во минатото ја испишала историјата на печалбарски крај и сите сакаме тоа да биде историја, да не ни се повторуваат миграциите, да бидеме тука сите свои на своето и заедно да го градиме подоброто утре за нас и за генерациите после нас. Нема подобро од родниот крај, кој Ви подава рака за враќање назад во татковината, овде сите заедно да живееме, овде да растат новите генерации Македонци“, истакна меѓу другото Коњановски, честитајќи го празникот Илинден.
На 55-тото издание на средбата во Трново свои обраќања пред присутните имаа и Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, претседателот на Матицата на иселеници од Македонија Иван Џо Петрески, претседателот на Сојузот „Македон“ Александар Јаневски, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, како и пратеникот во Собранието и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
По завршувањето на официјалниот дел, празничната атмосфера продолжи со богата културно-уметничка програма, каде присутните уживаа во настапите на фолклорните ансамбли и народната веселба која траеше во текот на целиот ден под падините на Пелистер.
А.Ш.
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
9 октомври 2026
25 декември 2025
24 декември 2025
16 декември 2025
8 декември 2025