Актуелно: Може ли македонскиот работник со 40-часовна работна недела да си дозволи нов стан?   •   БК Ронин го освои шампионскиот пехар во Првата бокс лига, во младинската лига најдобар БК Пинк Пантер од Штип   •   Турските гости се меѓу најчестите посетители на Македонија, Битола има посебно место на нивната туристичка агенда   •   Од улична корпа до политичка легенда: Како еден мачор стана најпознатата атракција во Алјаска   •   Под менторство на проф. д-р Виктор Камнар сложени операции за вградување вештачко колено во битолската болницата   •   Еурофарм Пелистер го победи РК Младост во Битола   •   Мечка излегла на коловоз, автомобил удри во неа на автопатот Скопје - Тетово   •   Добиваме еден час повеќе за спиење: Ноќеска се поместуваат стрелките на часовникот – започнува зимското сметање на времето   

Македонија

ИСТОРИСКИ УСПЕХ НА МАТКА: Полско-македонско-италијански тим го собори светскиот рекорд — нуркач се спушти на рекордни − 338 метри во пештерата Врело

Објавено: 21 октомври 2026, 14:00 ч.

ИСТОРИСКИ УСПЕХ НА МАТКА: Полско-македонско-италијански тим го собори светскиот рекорд — нуркач се спушти на рекордни − 338 метри во пештерата Врело

Пештерата Матка Врело го потврди својот статус на еден од најфасцинантните и најдлабоките подводни локалитети на планетата. За време на меѓународната експедиција реализирана од 10 до 17 октомври 2026 година, експедицискиот тим BAD Exploration Team во соработка со спелеонуркачкиот клуб „Врело“ - Матка, го оствари најдлабокото влегување на човек нуркач во подводна пештера во историјата, достигнувајќи неверојатни −338 метри длабочина.

Со овој подвиг, Матка Врело официјално стана најдлабоката истражена подводна пештера на Земјата со присуство на нуркач, а пештерскиот канал сè уште продолжува да се спушта во непознатото.

Од патеките на претходните истражувања до историски рекорд

Минатата година, истражувањата на истиот тим завршија на длабочина од −287 метри. Оваа година, примарната цел беше да се премине границата од −300 метри — вистинска географска и психолошка цел во светот на екстремното нуркање.

​Финалното нуркање започна на 16 октомври во 10:00 часот. Питала тргна од базниот логор во придружба на Томаш Вќорка, Михал Сојка и Бартош Зѓебло. На околу 350 метри во внатрешноста на пештерата, на длабочина од −24 метри, тој се одвои и го продолжи патот сам.

Главниот нуркач во експедицијата,полскиот истражувач Бартоломеј Питала, кој самостојно го изведе финалниот зарон во најдлабоките делови, се спушти низ главниот вертикален канал до −212 метри за помалку од пет минути, а потоа го продолжи патот низ хоризонталниот сегмент и влезе во новиот, вертикален премин кој води до огромна подводна сала. На длабочина од −315 метри веќе беше соборен светскиот рекорд, но одличната физичка подготвеност и совршената функционалност на опремата овозможија дополнително спуштање до крајната точка од −338 метри.

„Пештерата секогаш го диктира патот. На −338 метри одлучив да не ги туркам границите на опремата понатаму, иако каналот се уште се спушташе стрмно надолу. Беше јасно — бев на најдлабоката точка на која кога било стапнал човек во подводна пештера“, изјави нуркачот по враќањето.

Револуционерна декомпресија од над 8 часа

По краткиот престој на рекордната длабочина, следуваше најризичниот дел од мисијата — повеќе од осум часа водена декомпресија. Применувајќи иновативна декомпресиска стратегија базирана на искуствата од светските легенди на спелеонуркањето, нуркачот постепено се издигаше од −210 метри нагоре. Благодарение на точната тактика и поддршката, тој излезе од водата со сопствена сила и без никакви декомпресиски компликации или симптоми на висок притисок (HPNS).



Успехот на оваа сложена мисија се должи и на перфектната логистичка организираност и високиот степен на безбедност. Експедицијата се одвиваше под покровителство на Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, што овозможи несекојдневна институционална поддршка:

Воздухопловна и медицинска поддршка: Хеликоптер во приправност за итна евакуација до хипербаричната комора во Скопје, специјалист по хипербарична медицина на терен и медицинска екипа со амбулантно возило кај браната Матка.

Специјални единици: Траекторијата на езерото ја обезбедуваа три брзи чамци и луѓе од Специјалната антитерористичка единица „ТИГАР“.

Подводна логистика: Повеќе од 25 помошни боци беа поставени до длабочина од −180 метри, а во акцијата учествуваа уште седум поддржувачки нуркачи кои го следеа рекордерот во текот на целата осумчасовна декомпресија. Нуркачите од ДК „Врело“ изградија и подводно живеалиште (хабитат) на 8 метри длабочина за евентуални итни потреби.

Што следува понатаму?

Иако Матка Врело сега го држи светскиот трон, нејзините тајни сè уште не се целосно откриени. Во следните денови се очекува тимот да ги објави официјалните видео-материјали подготвени од Андреа Мескалчин, фотографските записи на Лука Кавикиоли, како и новата 3Д-визуелизација и топографска мапа на новооткриените делови од пештерата.

Тимот изрази огромна благодарност до сите македонски институции, клубот „Врело“ и граѓаните на Македонија за топлиот прием и поддршката, истакнувајќи дека ваков потфат тешко би се реализирал било каде на друго место во светот.

 А.Ш.
   

Најнови вести

25 октомври 2026

Може ли македонскиот работник со 40-часовна работна недела да си дозволи нов стан?

25 октомври 2026

БК Ронин го освои шампионскиот пехар во Првата бокс лига, во младинската лига најдобар БК Пинк Пантер од Штип

25 октомври 2026

Турските гости се меѓу најчестите посетители на Македонија, Битола има посебно место на нивната туристичка агенда

25 октомври 2026

Од улична корпа до политичка легенда: Како еден мачор стана најпознатата атракција во Алјаска

24 октомври 2026

Под менторство на проф. д-р Виктор Камнар сложени операции за вградување вештачко колено во битолската болницата

24 октомври 2026

Еурофарм Пелистер го победи РК Младост во Битола

24 октомври 2026

Мечка излегла на коловоз, автомобил удри во неа на автопатот Скопје - Тетово

24 октомври 2026

Добиваме еден час повеќе за спиење: Ноќеска се поместуваат стрелките на часовникот – започнува зимското сметање на времето

Поткасти

9 октомври 2026

Како со дронови се лоцира фронтовата линија на пожар со цел заштита на моликовите шуми на Пелистер

25 декември 2025

Поткаст: Лажните вести знаат да повредат и малолетни лица

24 декември 2025

Поткаст: Со транспарентност се бориме против дезинформации

16 декември 2025

Поткаст: Copy Paste новинарството го шири вирусот на дезинформаци

8 декември 2025

Поткаст: Социјалните мрежи нема да ги заменат професионалните медиуми