Пелагонија во фокусот
Македонија
Објавено: 2 јули 2026, 12:05 ч.
Почнува генетски мониторинг на кафеавата мечка: Со измет до точната бројка на популацијата во Македонија
Македонското еколошко друштво (МЕД) започнува со амбициозен теренски потфат за утврдување на точниот број на кафеави мечки во земјава. До крајот на годинава, со примена на современи научни методи, ќе се спроведе првиот сеопфатен генетски мониторинг, кој треба да даде прецизна слика за оваа популација, неопходна за креирање долгорочни политики за нејзина заштита.
Бидејќи во моментов не може со сигурност да се каже колку мечки живеат во Македонија, еколозите ќе го применат најверодостојниот метод – собирање примероци од измет на терен. Преку ДНК анализа на овие примероци, прецизно ќе се идентификуваат единките без да се нарушува нивниот природен ритам.
Искуства од Словенија и Хрватска пренесени во Скопје
Во рамките на подготовките за овој обемен процес, МЕД оствари работна средба со врвни експерти од Словенија. Томаж Скрбиншек и Александра Мајич Скрбиншек од љубљанската лабораторија „DivjaLabs“, кои зад себе имаат три успешно спроведени генетски мониторинзи на мечките во Словенија и Хрватска, ги споделија своите искуства со македонските колеги.
Од МЕД нагласуваат дека клучот за успехот на ваквите големи проекти лежи во силното партнерство на терен.
„Од прва рака слушнавме за нивните искуства, теренските предизвици и научените лекции. За потфати од ваков калибар, најважна е токму локалната поддршка на терен“, велат од Друштвото.
Регионален одговор за заштита на крупниот дивеч
Оваа активност е дел од големиот меѓународен проект LIFE DinPin Bear (LIFE24-NAT-DE-LIFE DinPin Bear/101214048), кофинансиран од програмата „Лајф“ на Европската Унија.
Проектот има силна прекугранична димензија и е насочен кон одржливо управување со динаро-пиндската популација на кафеавата мечка. На локално ниво, МЕД работи во директно партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, додека на регионално рамниште во мрежата се вклучени уште 19 организации од осум земји.
Сите заинтересирани граѓани и локални заедници кои сакаат да го следат напредокот на проектот или да се вклучат во иницијативите, повеќе информации можат да најдат на официјалната веб-страница на МЕД (mes.org.mk).
А.Ш.
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
9 октомври 2026
25 декември 2025
24 декември 2025
16 декември 2025
8 декември 2025