Актуелно: Може ли македонскиот работник со 40-часовна работна недела да си дозволи нов стан?   •   БК Ронин го освои шампионскиот пехар во Првата бокс лига, во младинската лига најдобар БК Пинк Пантер од Штип   •   Турските гости се меѓу најчестите посетители на Македонија, Битола има посебно место на нивната туристичка агенда   •   Од улична корпа до политичка легенда: Како еден мачор стана најпознатата атракција во Алјаска   •   Под менторство на проф. д-р Виктор Камнар сложени операции за вградување вештачко колено во битолската болницата   •   Еурофарм Пелистер го победи РК Младост во Битола   •   Мечка излегла на коловоз, автомобил удри во неа на автопатот Скопје - Тетово   •   Добиваме еден час повеќе за спиење: Ноќеска се поместуваат стрелките на часовникот – започнува зимското сметање на времето   

Македонија

Пелистер - светска еко атракција: странци се бањаат во Големо езеро на 12 степени и уживаат во адреналински тури

Објавено: 1 септември 2026, 17:39 ч.

Пелистер - светска еко атракција: странци се бањаат во Големо езеро на 12 степени и уживаат во адреналински тури

Додека рамнината се бори со летните жеги, на 2.218 метри надморска височина владеат сосема поинакви правила. Глацијалното Големо Езеро на Баба Планина летово прерасна во вистинска мека за странските и домашните авантуристи. Наместо класичен летен амбиент, тука освежувањето значи капење во планински води кои ниту во најтоплиот август не преминуваат 12 степени, опкружени со крупни карпи и кристално чист воздух.

„Дома во Германија сме навикнати на студени езера, но ова тука е сосема поинакво искуство. Воздухот на крајот на август е свеж, сонцето пече исклучително силно поради надморската височина, а водата е толку бистра и студена што ти го одзема здивот во првата секунда. Влегов постепено во Големо Езеро, а откако запливав, чувството беше исклучително освожувачко — како целото тело одеднаш да се исполни со чиста енергија. Да пливаш во глацијално езеро на преку 2.000 метри височина, додека околу тебе има само тишина и карпи, е нешто што ретко каде може да се доживее во Европа.“-вели Ерик, турист од Германија.

Но, покрај несекојдневното планинско освежување, Пелистер е на прагот на голема туристичка и инфраструктурна трансформација. Управата на Националниот парк најавува обемен проект за ревитализација на стариот инфраструктурен систем.

Со возобновувањето на стариот француски пат, од инфо-центарот на Пелистер до Преспа би се добила патека долга околу 40 километри. Иако нејзината примарна намена ќе биде противпожарна заштита, патот ќе може да го користат и пешаци и велосипедисти.

„Ќе се оствари сон на многу генерации за поврзување на Брајчино со Големо Езеро. Тоа ќе биде пешачка и велосипедска патека“, вели Иванчо Тошевски, директор на Националниот парк „Пелистер“.

Планински адреналин на четири тркала

Патот што води од битолската страна на планината кон Големото Езеро со години е во функција, но поради каменестиот терен, стрмните делници и гранитната структура на планината, движењето по него е предизвик дури и за теренски возила. Соодветно на тоа, совладувањето на оваа траса претставува вистински тест за издржливост за сите посетители.

Екстремните услови не ги поколебуваат ниту странските гости. За туристите од Европа, студената вода и силното планинско сонце се дел од шармот што го нуди недопрената природа. Дополнително, за оние кои совладуваат долги дестинации на два тркала, Баба Планина е природно продолжение на нивните балкански рути.

„Ова е нешто неверојатно, вистинско откритие за нас. Искрено и претходно слушавме прекрасни работи за Пелистер, затоа и решивме да дојдеме група моторџии од Италија да ја откриеме планината. Ја следевме оваа рута која нѐ донесе тука преку планината Галичица и Охрид, но ова што го доживеавме горе, на 2.200 метри, е врвот на нашето патување. Патот до езерото е исклучително тежок и предизвикувачки за возење мотор, полн со камења и стрмнини, но секој потрошен атом енергија вредеше. Кога ќе излезеш горе и ќе го видиш тоа глацијално езеро опкружено со карпи, додека долу се простираат погледите кон Преспа и Пелагонија, едноставно остануваш без здив. Македонија е прекрасна земја со фасцинантна природа која мора да се доживее на две тркала. Ова е авантура која никогаш нема да ја заборавам.“-вели Лоренцо, моторџија од Италија кој решил во својата балканска мото тура да го стави и Пелистер на мапата по која минува заедно со својата група.

Гастрономска пауза и ноќевање под ѕвездите

По напорното искачување, планинарскиот дом сместен непосредно до Големото Езеро нуди традиционално засолниште. Со капацитет за ноќевање на околу 40 гости, домот е познат по автентичната планинска трпеза — од топло гравче, домашни колбаси и познатото пелистерско сирење, па сѐ до слатко од смокви и планински чаево кои нудат ароматично освежување.

Стратешки развој и прекуграничен туризам

Трасата која треба да ги поврзе Битолскиот и Преспанскиот регион е дел од сеопфатен 10-годишен план за заштита на Националниот парк од пожари. Дел од коловозот до локалитетот Широка веќе е исчистен, каде што се планира и реконструкција на ловечката куќа.

Паркот планира мултифункционални решенија кои ги спојуваат заштитата и туризмот. Со таа цел се става акцент на ревитализацијата на историски локалитети. Проектот предвидува и конзервација на езерото Рупа, историски воден басен од Првата светска војна кој бил испуштен за воени потреби. Исто така, во план е и регионално поврзување. Отворањето на патеката добива дополнително значење во пресрет на најавеното отворање на граничниот премин Маркова Нога во 2028 година, со што Пелистер ќе стане клучна карика во прекуграничната еко-туристичка понуда.

Мониторинг на диви животни

Јавната установа Национален парк „Пелистер“ на 2.000 метри надморска висина постави и дополнителни камери кои ќе ги детектираат дивите животни, но и други случувања на планината.

Новите камери ги поставивме на висок регион, над 2.000 метри надморска висина. Нашата цел е зачувување и мониторинг на живеалиштата на животните, да им се подобрат нивните услови за живеење и опстанок во природата. Во овој регион се надеваме дека ќе затекнеме движење на дива коза, но и други диви животни. Системот за мониторинг ќе ни помогне за нивна заштита, ќе ја утврдиме бројноста, здравствената состојба и нивниот потенцијал во националниот парк Пелистер, истакна Петар Моштановски, од националниот парк.

Со сето ова, преку спојот на историското наследство, адреналинскиот туризам и одржливата заштита на животната средина, Пелистер ги отвора своите врати како една од најважните дестинации за еколошки и активен одмор во регионот.

 А.Ш.
   

Најнови вести

25 октомври 2026

Може ли македонскиот работник со 40-часовна работна недела да си дозволи нов стан?

25 октомври 2026

БК Ронин го освои шампионскиот пехар во Првата бокс лига, во младинската лига најдобар БК Пинк Пантер од Штип

25 октомври 2026

Турските гости се меѓу најчестите посетители на Македонија, Битола има посебно место на нивната туристичка агенда

25 октомври 2026

Од улична корпа до политичка легенда: Како еден мачор стана најпознатата атракција во Алјаска

24 октомври 2026

Под менторство на проф. д-р Виктор Камнар сложени операции за вградување вештачко колено во битолската болницата

24 октомври 2026

Еурофарм Пелистер го победи РК Младост во Битола

24 октомври 2026

Мечка излегла на коловоз, автомобил удри во неа на автопатот Скопје - Тетово

24 октомври 2026

Добиваме еден час повеќе за спиење: Ноќеска се поместуваат стрелките на часовникот – започнува зимското сметање на времето

Поткасти

9 октомври 2026

Како со дронови се лоцира фронтовата линија на пожар со цел заштита на моликовите шуми на Пелистер

25 декември 2025

Поткаст: Лажните вести знаат да повредат и малолетни лица

24 декември 2025

Поткаст: Со транспарентност се бориме против дезинформации

16 декември 2025

Поткаст: Copy Paste новинарството го шири вирусот на дезинформаци

8 декември 2025

Поткаст: Социјалните мрежи нема да ги заменат професионалните медиуми