Пелагонија во фокусот
Свет
Објавено: 12 август 2026, 11:46 ч.
Фотографија: Pixabay
Синџирот за снабдување на Западен Балкан повторно виси на конец. Иако граничните премини за миг се мирни, транспортерите предупредуваат дека ова е само затишје пред бура. Доколку Брисел не понуди експресно решение за престојот на професионалните возачи, камионите повторно ќе ги блокираат клучните артерии во регионот.
Повод за новиот аларм беше регионалната средба во Скопје, каде што претставниците на транспортниот сектор ги усогласија ставовите пред одлучувачката преговарачка рунда во Брисел, закажана за 1 септември.
Парадоксот: Професионалци на работа, третирани како туристи
Во центарот на овој долготраен спор е бирократскиот парадокс кој професионалните шофери ги израмнува со обични туристи. Станува збор за шенгенската формула од максимум 90 дена престој во рок од половина година — лимит што возачите на долги релации го исцрпуваат за експресно кратко време.
Билјана Муратовска од македонското здружение „Макам Транс“ нагласува дека радикалните мерки никогаш не биле нивна примарна желба, бидејќи првата штета секогаш ја поднесуваат самите превозници. Сепак, доколку европските институции останат глуви на нивните барања, регионалното единство и затворањето на границите ќе станат неизбежни за да се покаже вистинската тежина на транспортниот сектор.
Наместо бирократскиот калап, превозниците нудат конкретен излез односно промена на статусот. Бараат професионалните возачи да се третираат исклучиво како работници, а не како посетители или потенцијални мигранти.
Наместо денови, престојот да се мери во часови. Оваа мерка веднаш би го решила проблемот за над 80% од возачите на терен.
Додека се чека реакција од Брисел, последиците на терен добиваат драматични димензии. Никола Брковиќ од Конзорциумот „Логистика БиХ“ открива дека реалноста за шоферите е веќе алармантна, а само во БиХ директно се загрозени околу 10.000 возачи и камиони.
Според него, сценариото од минатото веќе се повторува: хрватските граничари секојдневно печатат забрани за влез, доколку возачот го пречекорил 90-тиот ден, додека во Австрија и Германија некои шофери завршуваат и со полициски притвор.
„И покрај сите дигитални тахографи и меѓународни CEMT дозволи со кои ЕУ го следи секое наше движење, за нив нашиот возач на 91-от ден автоматски станува илегален мигрант“, револтирано истакнува Брковиќ.
Ударот врз џебот на граѓаните
Последиците од потенцијалниот колапс нема да останат изолирани само на граничните премини. Бидејќи над 95% од стоката во регионот се транспортира по пат, евентуалната блокада веднаш ќе го блокира целокупното стопанство.
Домашните камиони не можат преку ноќ да се заменат со странски, што значи дека најголемата цена на крајот ќе ја платат самите граѓани преку нови бранови поскапувања во продавниците, празни рафтови и прекини во снабдувањето со основни производи, како и застој на увозот и извозот за домашните фабрики.
Септемвриски ултиматум
Транспортерите од Западен Балкан се одлучија за последен обид преку дијалог. По септемвриската средба во Брисел, тие повторно ќе се соберат во Скопје најдоцна до 10 септември за да ги дефинираат точните датуми и локации за блокадите, доколку ЕУ не понуди реално решение.
Пораката од нивните претставници е недвосмислена: Транспортот е крвниот систем на стопанството. Доколку сопирачките се стиснат на границите, брзо ќе застане сè.
А.Ш.
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
25 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
24 октомври 2026
9 октомври 2026
25 декември 2025
24 декември 2025
16 декември 2025
8 декември 2025