Актуелно: Девојката која црта со кафе и вино - Стефани Стојаноска Наумческа со трета самостојна изложба „Срце и душа на платно“   •   Преспа добива интегриран систем од 188 километри велосипедски и планински патеки   •   Видео: Снег врне на Пелистер и на Галичица   •   Претставено етнокултурното наследство на Македонците, Ромите, Власите и Египќаните во Корча   •   Млади од Македонија, Грција и Албанија засадија дрвјо на пријателството на ридот Ајани кој од Преспа гледа на трите држави   •   За случувањата со Алта Банка економскиот експерт Павле Гацов: АЛТА банка Битола работи по македонски прописи под надзор на Народната банка   •   Светска премиера во Токио на новиот филм на Манчевски - Дел од филмот се битолските актери Михајлова и Мирчевски   •   По одземањето на дозволата на Алта Банка во Србија се огласи Народна Банка на Македонија: Банкарскиот систем е стабилен и отпорен   

Култура

Девојката која црта со кафе и вино - Стефани Стојаноска Наумческа со трета самостојна изложба „Срце и душа на платно“

Објавено: 1 ноември 2026, 03:10 ч.

Девојката која црта со кафе и вино - Стефани Стојаноска Наумческа со трета самостојна изложба „Срце и душа на платно“

Уметницата Стефани Стојаноска Наумческа ја подготвува својата трета самостојна изложба „Срце и душа на платно“. Тоа беше повод Ево да направи интервју со девојката која покрај другото создава уметничка магија цртајќи со кафе и вино.

Уметноста те следи од шестгодишна возраст. Кога и како реши класичните бои да ги замениш со талог од кафе и вино?

Стефани:
Не ги заменив класичните бои, туку покрај нив почнав да истражувам и нови техники. Техниките со кафе и вино се дел од моето уметничко изразување, кои со текот на времето ги усовршив и денес целосно ги владеам. Сакам да експериментирам, но и да ги надградувам техниките што веќе ги познавам, бидејќи верувам дека уметноста постојано нуди нови можности за изразување. Кафето не е само да го истуриш врз платното, туку бара тонирање на неколку видови на кафе во различен тон. Во моето творештво најмногу сум посветена на изработка на портрети и апстрактни дела, но секако работам и други мотиви и ликовни композиции. Користам различни техники и материјали: акрилни и маслени бои, графика, туш и сув пастел, а создавам дела и со талог од кафе и вино.

Каква енергија и предизвик носат кафето и виното на платното – дали материјалот ти ја диктира сликата или емоцијата го води процесот?

Стефани:
Кафето и виното носат посебна енергија, топлина и природност на платното. Секој од овие материјали има своја текстура, нијанса и непредвидливост, што го прави процесот интересен и предизвикувачки. Сепак, кај мене емоцијата е таа што го води процесот. Материјалот ми дава можности, но идејата, инспирацијата и чувството одредуваат како ќе изгледа конечниот резултат. Токму таа слобода во творењето ми овозможува секое дело да има своја приказна и сопствена душа. Мислам дека со секое ново дело се повеќе се надоградувам.

Велиш дека секое платно е „согорување на сопствената душа“. Што е тоа што најчесто го пренесуваш преку овие специфични бои?

Стефани:
Преку моите дела настојувам да ги пренесам емоциите, чувствата, мислите и доживувањата што ги носам во себе. Секое платно е дел од мене, од мојата душа и мојот поглед кон светот. Понекогаш преку боите ја изразувам љубовта, среќата и надежта, а понекогаш тагата, болката, борбата и внатрешната сила. Не сакам моите дела само да се гледаат, туку сакам да предизвикаат чувство кај оној што ги набљудува. Верувам дека вистинската уметност не се објаснува секогаш со зборови, туку се чувствува.

За твојот талент со пофалби пишуваше и италијанскиот печат. Колку ти значи овој признаен меѓународен успех?

Стефани:
Меѓународното признание ми значи навистина многу, бидејќи претставува потврда дека трудот, посветеноста и љубовта кон уметноста се препознаваат и надвор од границите на нашата земја. Особено ми е драго што моите дела наидоа на позитивни реакции и во Италија. Тоа ми дава дополнителна мотивација да продолжам да создавам, да се надградувам и да ја претставувам македонската уметност на меѓународната сцена. За мене, секое признание е чест, но и уште поголема одговорност да продолжам по патот што го избрав уште како дете.

На што ставаш посебен акцент во сликарството ?

Стефани:
Посебен акцент во моето творештво ставам на апстрактното сликарство и портретите изработени со кафе. Апстракцијата ми овозможува слободно да ги изразам моите емоции, мисли и внатрешни доживувања преку бои, форми и текстури, додека портретите со кафе претставуваат еден поинаков уметнички предизвик. Кај нив особено ме привлекува можноста со природните тонови на кафето да создадам длабочина, карактер и емоција. Сметам дека токму спојот на овие различни пристапи го прави моето творештво посебно и автентично. некои дела може да се забележи спој на талог од кафе и акрилни бои на едно исто платно. Токму таа комбинација ми овозможува да создадам посебни текстури, длабочина и контраст, давајќи му на секое дело уникатен карактер.

Учествуваш на групни изложби во Македонија и Италија..

Стефани:
Имам учествувано на повеќе групни изложби и ликовни колонии во Македонија и во Италија. Од 2024 година учествувам на ликовни колонии преку здружението „Драудакум“ во Гостивар, како и на ликовната колонија „Радика“ во Дебар. Мои дела биле претставени и на меѓународни групни изложби во Италија, во Ровиго и Падова. Секое учество ми носи ново искуство, нови познанства и можност мојата уметност да допре до поширока публика. Досега имам реализирано три самостојни изложби. Првата беше „Бесконечна надеж“, одржана во Гостивар во 2025 година. Втората самостојна изложба ја реализирав во Италија, во Ровиго, под наслов „Уметноста на душата“ (Arte dell’anima), во мај 2026 година.

Во Кичево ја подготвуваш изложбата „Срце и душа на платно“. Што ќе и откриеш на публиката преку овие најнови дела и за кога е закажана изложбата?

Стефани:
Мојата трета самостојна изложба е „Срце и душа на платно“, која ќе се одржи на 20 ноември 2026 година во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево. Секоја изложба претставува посебно поглавје во мојот уметнички пат и чекор напред во моето творештво. За изложбата подготвувам околу 30 дела, апстракции и портрети изработени со кафе. Преку апстрактните дела сакам да ги пренесам моите внатрешни чувства, мисли и емоции, додека портретите со кафе претставуваат еден поинаков уметнички израз, во кој природната текстура и нијансите на кафето создаваат посебна приказна. Сакам публиката да ја почувствува емоцијата што ја носи секое дело. Изложбата ќе се одржи на 20 ноември 2026 година, во 19:00 часот, во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево.

Колку е тешко во денешно време да се срушат општествените калапи и вистински да се живее од сопствениот автентичен талент?

Стефани:
Мислам дека во денешно време не е лесно да се излезе од општествените калапи и да се оди по сопствен пат, особено кога станува збор за уметноста. Честопати луѓето имаат очекувања како треба да изгледаш, да размислуваш или да твориш. Но, верувам дека секој човек треба да има храброст да биде свој и да не се откажува од она што го прави среќен. За мене, уметноста не е само талент, туку и љубов, посветеност, дисциплина, многу труд и работа . Сметам дека најголемиот успех е да го зачуваш својот идентитет и да продолжиш да веруваш во она што го создаваш, дури и кога патот не е лесен.

Што би им порачала на младите уметници?

Стефани:
Како една млада уметница на младите уметници би им порачала никогаш да не се откажуваат од својот сон, без разлика на пречките и предизвиците со кои ќе се соочат. Да бидат храбри, да експериментираат, да истражуваат и пред сè да останат верни на сопствениот уметнички израз. Да не се споредуваат со другите, бидејќи секој уметник има свој пат, свој ракопис и своја приказна. Талентот е важен, но без труд, истрајност и посветеност не може да се достигне вистинскиот успех. Најважно од сè – никогаш да не дозволат некој да им ја згасне љубовта кон уметноста.

Биографија: Уметницата Стефани Стојаноска Наумческа е родена на 17 август 1996 година во Гостивар. Освен што се занима со уметност, работи и како административен работник. Хоби ми е фотографирањето, слушањето музика и читање на некоја убава книга Љубовта кон уметноста се роди уште во моето најрано детство. На само шестгодишна возраст почнав да цртам, кога боите, формите и хартијата станаа мој мал свет на креативност. Едноставно креативно дете. Она што започна како детска љубопитност, со текот на годините прерасна во голема животна страст. Во моето творештво користам повеќе ликовни техники и материјали. Сликам со акрилни и маслени бои, работам графика, туш и сув пастел, а исто така создавам дела и со талог од кафе и вино. Ги владеам овие техники и секоја од нив ми овозможува различен начин на уметничко изразување. Веќе десет години активно се занимавам со уметност и над 250 уметнички дела и можам да кажам дека таа е неразделен дел од моето секојдневие, вели таа за себе.

 А.Ш.
   

Најнови вести

1 ноември 2026

Девојката која црта со кафе и вино - Стефани Стојаноска Наумческа со трета самостојна изложба „Срце и душа на платно“

1 ноември 2026

Преспа добива интегриран систем од 188 километри велосипедски и планински патеки

31 октомври 2026

Видео: Снег врне на Пелистер и на Галичица

31 октомври 2026

Претставено етнокултурното наследство на Македонците, Ромите, Власите и Египќаните во Корча

31 октомври 2026

Млади од Македонија, Грција и Албанија засадија дрвјо на пријателството на ридот Ајани кој од Преспа гледа на трите држави

31 октомври 2026

За случувањата со Алта Банка економскиот експерт Павле Гацов: АЛТА банка Битола работи по македонски прописи под надзор на Народната банка

31 октомври 2026

Светска премиера во Токио на новиот филм на Манчевски - Дел од филмот се битолските актери Михајлова и Мирчевски

31 октомври 2026

По одземањето на дозволата на Алта Банка во Србија се огласи Народна Банка на Македонија: Банкарскиот систем е стабилен и отпорен

Поткасти

9 октомври 2026

Како со дронови се лоцира фронтовата линија на пожар со цел заштита на моликовите шуми на Пелистер

25 декември 2025

Поткаст: Лажните вести знаат да повредат и малолетни лица

24 декември 2025

Поткаст: Со транспарентност се бориме против дезинформации

16 декември 2025

Поткаст: Copy Paste новинарството го шири вирусот на дезинформаци

8 декември 2025

Поткаст: Социјалните мрежи нема да ги заменат професионалните медиуми